АЛЕРГИСКИТЕ БОЛЕСТИ
ВО Р. МАКЕДОНИЈА

 

ПРЕДГОВОР

Интересот на авторот на овие редови и неговите соработници, за зачестеноста на алергиските болести во нашата земја датира од пред две децении. Причините беа професионални, прагматични, меѓутоа и поради тоа што не сакавме да ја прифатиме вообичаената флоскула: ,,За жал, за Македонија сe уште немаме релевантни податоци за преваленцијата на.....". Ваквите образложенија за одредени ентитети беа најчесто илустрирани со егзактни бројки за елаборираната појава во одредени земји, како на пример: во САД, Австралија, европските земји, па дури и оние од нашето опкружување.
Во 1993 година, анализирајќи група од скоро 700 неселектирани испитаници по пат на случаен избор, ги добивме првите сознанија за алергискиот ринит. Во 1994 година, нашите истражувања беа збогатени со многу повеќе обележја за оваа појава, но и во двата случаи податоците се однесуваа само за Скопје.
Екипата од Институтот за медицина на трудот во соработка со Службите, во текот на 1995 и 1996 година, реализира мултицентрична студија за раширеноста на бронхијалната астма во 11 градови од Р. Македонија. Од овие причини, имајќи ги предвид претходините искуства и воспоставената соработка со лекарите од другите градови во Републиката, бевме во можност да го реализираме Проектот број 400998 одобрен од Министерството за образование и наука. Истражувањето траеше 5 години (од 1998 до 2003г.) и беше реализирано во шест градови. Резултатите од проектот се елаборирани во оваа публикација.
Доколку издавачите не најавеа цврста намера книгата да биде дистрибуирана на Колаборативните центри за медицина на трудот при СЗО и Националните здруженија за алергологија и клиничка имунологија, ќе беше излишен ставот на авторот на овие редови уште од 1998 година кога направи критички осврт на неусогласеноста на номенклатурата на алергиските ентитети со онаа на МКБ-10 на СЗО од 1992 год. Оваа состојба уште повеќе се усложни кога Европската академија за алергологија и клиничка имунологија во 2001 година прокламираше нова ревидирана номенклатура и класификација на алергиските болести. А пропос оваа новина ван Цауњенберге како наслов на една негова расправа го поставува прашањето: ,,Новата номенклатура дали е мода или потреба?". Нашиот одговор би бил: ,,Мода не е, но во овој момент не е потребна".
Се трудевме резултатите од истражувањето да бидат опсервирани од повеќе аспекти, односно студијата да има јавноздравствен карактер. Дали успеавме?
Уредник и раководител на Проектот
проф. д-р Владимир Цветанов

 

Уредник
Предговор
Автори
Книгата во PDF формат
Мапа на РМ
ISBN 9989-2571-0-8 (IMT)